Како започнува авантура?

Прекрасно. Повикот на новото, магичното и непознатото конечно стаса до вас. Сте начуле приказни, знам, оние за храбри херои соочени со невозможни мисии, за визарди кои фрлаат акранска моќ од ракав, за роугови што буричкаат низ змејски гнезда… Сте виделе и сет од светкави, трепеткави коцки и сте посегнале да ги свертите сите, да ги наредите една врз друга и да прашате зошто постојат. Што и да ве донело тука, ви направило одлична услуга.

Но, пред да влеземе со глава во пештерана накрцана со гоблини, да одговориме на некое прашање, м? Како на пример, како се започнува една, едноставна D&D авантура?

Прв чекор: Соберете си банда и материјали

Кај ќе одите сами?

Прво ви треба едно добро, способно, храбро парти од неколкумина што ќе ви го чуваат грбот и ќе ве дружат во патувањето низ морничави шумишта, данџни и катакомби. Дали се другари од детство, штотуку запознаени индивидуи преку трети партиња или на шанк, небитно. Масата треба да е полна (идеалната бројка според досегашните анализи и статисики е петорица сосе DM), за авантурата да ја добие магијата што и прилега.

Што ќе правите без материјали? Ви требаат неколку работи:

  • Player’s Handbook (водичот, учебникот, главниот реквизит, заедничко купен во хард верзија, заеничко симнат на D&D Beyond, испринтан на принтерот во канцеларија без никој да ве види)
  • Сет од коцки. Сетови од коцки. Некому му е еден сет доволно, некому 5 му се малку. Не се знае која коцка за кој чек е најдобра додека не се истестира доволно
  • Одиме old school? Во тој случај наострен молив, гума, каратер шитови и пополнување на истите со информации, од име на карактерот, до раса, класа, абилитис, профишенсис, оружја, армори, спелови, белешки, пасивни перцепции, инсајти, чуда, искомбинирани од вашата желба за тоа што би толкувале и ваша среќа со коцките свртени на Session Zero. Или отвараме групен мејл, регисрираме херојски акаунт на D&D Beyond и си бркаме работа таму.
  • Фигуринка, минијатура, ваш личен репрезент на мапите.
  • Грицки – што повеќе и што помрсни, тоа подобро. На самите почетоци, многу ни се најдоа како NPCs, ѕидови, кули и слично.

Но, денес, сфаќаме колку е поинакво искуството кога опремата на маса е во полн сјај, кога мапата е голема, детална, минијатурите се персонализирани, коцките стварно делуваат аркански, а кожните сетови во кои ги роламе уште повеќе. Затоа Кантрип има сé за вашето инвентори. Само вие охрабрете се да почнете, и дојдете ни во хедквортерс.

Втор чекор: Вашата улога во авантурата

Ова е стварно возбудливо – создавање на карактер. Кој ќе бидете во светов на магија, монстери, интриги и хаос? Што треба да одлучите:

  • Раса: коренот на вашиот лик, генезата, почетокот. Ова е непроменлива варијанта која до крајот на кампањата ја носите со себе со сите карактеристики кои го има – стоичен дворф, елегантен, нехаризматичен елф, мистичен тифлинг, ова е основата на вашиот ролплеј, на вашиот глас и израз. Одлучете си, не можете да згрешите.
  • Класа: вашата улога во партито. Ќе сјаете со барбаријанска брутална сила, со хилерска моќ на клерик, со интелект на визард, со интрига на роуг. Одлучете си, не можете да згрешите.
  • Бекраунд и бекстори: длабочината на она што сте. Благородник доведен до моменти каде нема што повеќе да го исполни во животот, и единствено и дефинитивно решение е да излезе од комфорноста и да почне да живее во реалниот свет. Талкач низ светот, без имот и поседи, кој многу повеќе видел од благородников. Одлучете си, не можете да згрешите.

И зпомнете – карактерот не треба да биде совршен. D&D го сакаме бидејќи стекнатата моќ на карактерот доаѓа заедно со мааните, со чудните идеи, чудниот израз и нарав кој нé прави посебни.

Трет чекор: Улогата на DM-от

Големите приказни бараат одличен раскажувач. DM-от нé води низ авантурите, го претставува светот, ги носи квестовите, монстерите, и животот во сите NPCs, од кои дел ќе ни се многу драги и ќе ги влечеме насекаде со нас, а други ќе сакаме да ги бутнеме во бездна. Неговата улога е полна со кретивна слобода, но бара голема подготовка – worldbuilding, пресврти, настани, енкаунтери, и можеби најодговорното од сé – сигурноста дека сите добро си поминуваат.

Кантрип е место каде DM ветерани и нови поединци кои имаат желба да започнат, или пак имаат сомнеж дали можат, слободно можат да се спојат и да разменат идеи, инсипирации, и едноставни разговори. Тука сме за сите.

Четврт чекор: Session Zero

Некој ја избегнува и поинаку го решава овој момент, но ние сметаме дека е потребен и стварно супер. Пред почеток на аватурата, се прави еден гејм-митинг за да се постават основни правила.

  • Ролање абилитис: една од побитните задачи на Session Zero е одредување на силите и слабостите на карактерот. Strength, Dexterity, Constitution, Intelligence, Wisdom, и Charisma, одлучувaат колку е добар или катастрофален вашиот карактер во одредени ситуации.

Методот е следен: се вртат 4d6 (4 шестострани коцки), се земаат трите со највисоко свртени бројки и четвртата се трга настрана. Резултатот од трите одбрани коцки се собира и станува ability score. Ова се повторува за сите абилитис, и согласно расата и класата на избраниот каратер, се поставуваат како нивни вредности од кои се изведуваат модифаерите.

  • House Rules: секоја маса е различна и Session Zero е совршен момент за дискутирање или прилагодување на стандардните правила. Можеби DM-от смислил некое специфично за моменти на комбат и слично.
  • Темата на кампањата: краток вовед во сетингот на авантурата, малку историја за светот, откривање на податоци познати и потребни на карактерите за полесен старт. D&D знае да навлезе во поинтензивни теми, и Session Zero е правиот момент за дискусија на она што групата го одобрува или не. Мора да сме сигурни дека нема да постојат никакви прилики за непријатност и вознемиреност на масата.

Петти Чекор: Врти 20-ка

Партито е комплетно, карактерот е спремен, DM-от ја поставува сцената и влегуваме во првата сесија. Приказната си се развива според акцијата што ја преземаме и коцките што ги вртиме.

„Немам веќе трпение. Ова не го ни правам суптилно, нека ме гледа. Го вадам greatsword-от и замавнувам во орката“.

DM: „Врти D20 “.

Потребно е да се сврти главната на коцките, D20, да се додадат соодветните бонуси, за да се види дали удари од овој тип, и ред други нешта кои сакаме да ги направиме, видиме, спасиме, дознаеме, е можно да се остварат. Сник покрај стражата, локпикинг, кастање спел за спас на денот – нема проблем, пробајте, но коцките ќе одлучат дали ќе успее или не.

Тука лежи и тајната. Во D&D нема лузер или победник. Се работи за приказната. Некогаш ќе бидете фаворит на коцките, често не. Но, и во моменти на ужас ќе создадете нешто вредно за памтење. И низ игра од неколку недели (не е точно, многу често неколку месеци) ви се открива она искуство кое ви го збориме, она креативно, фантастично заедништво.

Шести чекор: Пратете ни Sending

Не сте сами, без разика дали сте DM, играч или неодлучен DM и неодлучен играч. Навистина не сме само леџендари шоп, туку Здружение за обликување фантастични светови, во буквална смисла, парти од авантуристи и сторителери.

Одвојуваме простор за состаноци во хедквортерс за кои ќе бидете известени, и доколку ја делите нашата страст за D&D, доколку ви фали играч, ви фали идеја, имате потреба некој да го ислуша вашиот плот твист, сме тука и повеќе од возбудени да ве видиме и чуеме.

Напишете коментар